Важни информации за безбедност при качување!


Правила, стандардизација и совети за ракување со опрема на спортско качувачките локалитети во Македонија.

Со зголемувањето на интересот за спортско качување на природни карпи во Македонија, и со доаѓањето на голем број новајлии кои од различни причини немале прилика да се запознаат со добро познатите постоечки правила, усвоени од страна на Македонската Спортско Качувачка Федерација, го објавуваме овој апел за правилно користење на опремата поставена на насоките за качување (ушки, експ.клинови, лепени клинови, сидришта). Овие правила се поставени за што поголема сигурност при качувањето како и продолжувањето на векот на безбедносната опрема низ качувачките локалитети во Македонија.

КОРИСТЕЊЕ НА ГОРНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ –TOP ROPE

Овој често користен и добро познат начин на обезбедување е идеален за почетници но и за напредни качувачи кои би сакале да ги вежбаат движењата на некоја насока. При користење на горно обезбедување број еден правило усвоено од МСКФ е :

Доколку користите top rope обезбедување, на сидриштето во клиновите поставете сопствени карабинери (комплети) свртени со вратичките на спротивна страна една со друга. Во нив го поставувате јажето при качување и безбедно качувате top rope. Со овој принцип на употреба на опрема, вие значително го заштедувате животниот век на карабинерите на сидриштето, односно наместо повеќе пати да минува јажето низ сидриште, минува низ карабинерите кои вие сте ги поставиле, со што се спречува дополнително и непотребно абење на карабинерите од сидриштето. Ова значително го продолжува векот на траење на сидриштата.

 

АМОРТИЗИРАНА БЕЗБЕДНОСНА ОПРЕМА



Внимавајте на дотрајани клинови. Во Македонија особено внимание посветуваме на безбедноста и беспрекорноста при клинчење на насоките, но тоа не гарантира вечна беспрекорност и безбедност на истите. Внимавајте на ‘рѓосани или разлабавени ушки и клинови. Доколку затекнете клин, ушка или типла која ви е сомнителна по можност сликајте ја и информацијата споделете ја со МСКФ или било кој качувачки клуб.
Иако користиме современи и тестирани клинови при отворање на нови насоки, ова не би требало да биде случај на некој понов локалитет, но е веројатноста е поголема токму ваква ситуација да затекнете на некое од постарите качувалишта во РМ. Доколку затекнете разлабавен експанзивен клин, затегнете го 17ка или 19ка клуч. 

 

ЕТИЧКИ КОДЕКС

Придржувајте се на Етичкиот кодекс за качување. Сите правила и членови кои се наведни во овој кодекс  постојат за да создадат поздрава качувачка заедница истовремено одржувајќи ги нашите локалитети чисти, уредни и пријатни за сите љубители на природата.

ЛИЧНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

Секогаш бидете свесни за своите постапки и постапувајте одговорно. Имајте реална процена на вашето искуство, ниво на познавање на техниките и системите за работа со опрема. Не барајте да се преврзете на сидриште без претходна обука и искуство. Секогаш „знај што правиш“ ! Сите качуваме на сопствена одговорност, од нас зависат сите одлуки и решенија кога сме во насока.

ПРИСУТНИ ТЕРЕНСКИ ОПАСНОСТИ

Иако спортското качување е спорт кој е мошне безбеден, сепак кога качуваме во природа сме на терен во кој може да демнат различни опасности, не само при качување.

Одрони

-на почетокот на сезоната, особено на пролет, можни и доста чести се одрони на камења и камени блокови од насоките кои поради температурните разлики преку зимата, појава на мраз на карпата или зачестените врнежи од дожд напролет, се појавуваат нови  пукнатини, постоечките се прошируваат и на тој начин попушта статичката структура на карпата и се јавуваат одрони. При качување на спортски насоки, носењето на заштитен шлем од страна на оној кој осигурува е строго препорачано, поради евентуални одрони причинети од оној кој качува во водство.

Змии и осила

–запомнете, кога одиме на качување на природна карпа ние сме тие кои одиме кај змиите, осите и останатите инсекти, дома. Често се случува да забележиме змија во некој од нашите локалитети особено пролет и лето. Внимавајте каде газите, и доколку сретнете змија не убивајте ја, освен доколку не сте загрозени од неа. Генерално сите треба да внимаваме на природата и да го почитуваме живиот свет кој живее во неа.  

Ронлив, лизгав и технички пристап

–Во некои од Македонските качувачки локалитети, пристапот на места е технички и потребно е особено внимание. Внимавајте кога се движите по ронлив терен или во услови на влажна карпа. Доколку постои можност искористете го обезбедувањето (фиксно јаже, сајла, виа ферата)

СЕКОГАШ НОСЕТЕ КАЦИГА ! 

–секогаш настојувајте да се придржувате кон ова главно правило за лична безбедност, особено кога качувате на локалитет за кој се двоумите за компактноста на карпата.

 

Секој качува на сопствена одговорност и е одговорен за своите постапки.

Уживајте во качувањто, бидете насмеани и секогаш бидете безбедни !

 

Спортски поздрав