REEL ROCK 10 -Официјална Програма

REEL ROCK 10 -Официјална Програма

Конечно ја објавуваме програмата на Скопското ‘REEL ROCK’ издание во целост, која покрај ‘REEL ROCK 10’ документарецот, ќе содржи видеа и презентации за најголемите достигнувања во светот на качувањето кај нас. Следејќи ги светските текови, од овогодишната програма можеме да заклучиме дека и ние имаме качувачи достојни за почит, чии достигнувања можат да се мерат со достигнувањата во глобалниот качувачки свет. Од искачувањата на големите гранитни болдери во Прилеп, високогорските и Хималајските подвизи на нашите алпинисти, па се до качувачките фестивали низ Македонските качувачки локалитети, ќе проследиме возбудливи проекти со кој беа преокупирани Македонските качувачи. Покрај виртуелните искачувања и патувања на кои ќе одиме преку големиот екран, оваа година ќе имаме и неколку аутдор активности, со кои ќе отидеме подалеку од удобните седишта на киното Фросина.



Ова е втора година на претставување на традиционалната REEL ROCК филмска турнеја, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови во Скопје. Минатата година за прв пат македонската публика имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе долго очекуваниот и наградуван документарен филм ‘Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен. Јубилејното десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја и премиерата на овогодишното скопско REEL ROCК издание ќе се случи на 21 октомври во киното Фросина, овој пат со уште побогата локална програма и уште пет документарни филмови за најголемите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, што го прави REEL ROCK 10 вистинско место за посветените качувачи и љубителите на карпите и високите снежни планини.

Десеттата по ред REEL ROCK филмска турнеја глобално започна на 17-ти септември во Болдер, Колорадо и ќе трае се до крајот на 2015 година, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со јубилејното REEL ROCK 10, Скопје заедно со уште 450 градови низ светот, со поддршка од Амбасадата на САД, повторно ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на REEL ROCK и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како што се Дин Потер, Томи Колдвел, Алекс Хонолд, Џими Веб, Даниел Вудс и Кевин Јоргесон!

REEL ROCK 10 ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:

Кино Фросина, 21 октомври, 19ч
.
• Отворање и DJ сет
• Изложба на качувачки фотографии на Димитар Попов
• ‘PETZL Pad Party’ и ‘Petzl RocTrip 2014′ филмови за PETZL RocTrip
• ‘Tрансверзала Македон’ презентација на ПК Македон
• ‘Алек, Кољо, Стрезо и Васил на Dufourspitze филм
• ‘Анапурна -мит или реалност’ презентација и видео на Здравко Дејановиќ
• ‘Rock for Everybody’ презентација на Александар Кленов
REEL ROCK 10

 

Оutdoor активности*

Трансферзала МАКЕДОН, 17-18 октомври
• Реболтирање на насоки на качувачки локалитет Матка, 25 октомври

 

 

Во рамките на самиот документарен филм REEL ROCK 10 ќе ги гледаме следните пет најголеми достигнувања или возбудливи приказни од глобалниот качувачки свет:

ЛИНИЈА ПРЕКУ НЕБОТО: пречењето на Фиц Рој ланецот е едно од најпосакуваните потфати во модерното качување. Тешка траверза преку седум назабени врвови, 4500m качување за кое никој не би рекол дека може да биде толку забавно. Томи Колдвел и Алекс Хонолд во мотивирачкиот и урнебесно смешното искачување кој им ја донесе гламурозната награда а воедно и признание -‘Златен Цепин’;

ПОЧИТ КОН ДИН ПОТЕР: Дин Потер беше еден од најважните вертикални авантуристи на својата генерација. Беше неодвоив дел од REEL ROCK семејството од првата година и ѕвезда на филмовите како ‘First Ascent’, ‘Fly or Die’, ‘Race For The Nose’ како и ‘Valley Uprising’. Овој филм е последна посвета на овој голем човек и качувач;

ВИСОКО И МОЌНО: High Ball (болдеринг) – кога падот може да предизвика сериозни повреди – не е за оние со слабо срце. Додајте го во равенката и качувањето на самата граница на качувачкото достигнување и работите можат да излезат од контрола. Ја следиме битката на Даниел Вудс да го совлада стравот и да качи еден high ball проект;

ПРЕСМЕТКА КАЈ ПЕКОЛНАТА ПОТКОВИЦА: 24 часа пекол кај потковицата (24HHH) е најлудото случување во светот на качувањето; мешавина на ултрамаратон и лудачка уметничка колонија каде врвните качувачи и потполните почетници се впуштаат во оргија од млечна киселина и пиво која трае 24 часа. Без обѕир на забавата, натпреварот е вистински: може ли тим од ликови како што се Ник Бери и Масон Еарл да се спротивстават на семоќниот Алекс Хонолд?!;

DAWN WALL EXCLUSIVE: прв поглед на качувањето на Томи Колдвел и Кевин Јоргесон на DAWN WALL. Ова качување е најголемото качувачко достигнување на генерацијата кој воедно го привлече вниманието на светската јавност. Додека се работи на долгометражен филм за следната година, REEL ROCK 10 ви прикажува исечок од драмата која се одигрува во детаљ од насоката.

* * **

Аутдор активностите ќе бидат најавени како оделен настан. Организаторот го задржува правото на промена на датумот на аутдор активностите поради несоодветни временски услови.

* * *
Настанот е во организациjа на ‘Solis’ и ‘SkiMacedonia’ со поддршка на Амбасадата на САД.