Изминатиот Четврток, 15 Октомври започна новата ‘Болдер сезона’ на вештачката болдер –карпа која се наоѓа во ‘СЦ Борис Трајковски’, со редовни секојдневни тренинзи на Скопските качувачи.

И оваа година работното време на болдераната останува непроменето, односно од 11 часот наутро до 23 часот навечер, освен во денови кога во салата се одржуваат концерти, спортски натпревари или формални церемонии. Влезот за сите членови кои членуваат во клуб при Македонската Спортско Качувачка Федерација, е бесплатен, додека за останатите влезот за користење на ‘СЦ Борис Трајковски’ спортските реквизити е 100 денари.

Оваа сезона е всушност петта сезона на функционирање и постоење на вештачката карпа, која е одличен избор за качување вон летната сезона особено од доцна есен до среде пролет кога временските услови се нестабилни и оневозможуваат качување на останатите качувачки капацитети и локалитети.

Новитет во ‘СЦ Борис Трајковски’ болдераната се голем број на волумени и форми, кои сочинуваат нови, моќни и предизвикувачки болдер насоки при што е овозможен тренинг според последните трендови во болдерингот.

‘СЦ Борис Трајковски’ болдераната е домаќин на неколку качувачки натпревари од македонската качувачка лига како и на пред новогодишниот традиционален ревијален болдер натпревар под маски PLASTICMAN кој се организира нешто ситно пред Нова Година, секоја година.

Подолу можете да го погледнете видеото од последниот предновогодишен болдер натпревар под маски, PLASTICMAN 2.