Изминатата Сабота во Мостар (БиХ) на 26 Февруари, се одржа третиот по ред Меморијален Болдер Натпревар ‘Борис Трајковски’, во организација на АСПК ‘Неретва’ и Општина Мостар, каде што Македонската качувачка репрезентација успеа да извојува висок пласман !

Натпреварот се одржа во три категории, млади, сениори и ветерани, каде што во последниве две категории се натпреваруваа 40 натпреварувачи од БиХ, Македонија, Австрија, Словенија и Хрватска.

Нашиот виртуоз Ване Наунов се закити со сребро на пиедесталот освојувајќи го второто место, додека македонската супер девојка, Маја Петровска исто така застана на второто место на пиедесталот, во женска конкуренција. Во категоријата Ветерани, Претседателот на Македонската Спортско Качувачка Федерација Владимир Трповски го освои четвртото место. Новост оваа година беше тоа што на натпреварот имаше и категорија Млади (Youth a, b, c) каде што Виктор Трповски (y-a), Давид Трповски (y-b) и Јан Кочишки (y-c) го освоија првото место во своите категории. Честитки на нашите млади качувачки легенди !

Имено овој меморијален натпревар се одржува трета година по ред, и е именуван по трагично загинатиот Претседател на Македонија, Претседателот Борис Трајковски. Во чест на загинатиот Македонски претседател, Алпинистичко Спортско Качувачкиот Клуб ‘Неретва’ го основа Меморијалниот Болдер Натпревар Борис Трајковски, при што натпреварот го носи неговото име, и од самиот почеток претставува многу важно дерби на Македонската Спортско Качувачка Репрезентација. Интересно е да се каже дека и покрај супер силната натпреварувачка конкуренција, веќе трета година по ред на пиедесталот има Македонски качувач :)