Хуманитарен Болдер Маратон 'ГоГо' и промоција на новиот болдер локалитет во Мариово

Хуманитарен Болдер Маратон 'ГоГо' и промоција на новиот болдер локалитет во Мариово

Веќе извесно време имавме слушнато дека потенцијалот на Прилеп и околината нуди нешто интересно и во Мариово. Пред речиси два месеци СКК Вертикал -Битола најави болдер маратон како промоција на новиот локалитет во Мариово, во непосредна близина до село Манастир.



Нажалост, непосредно пред одржувањето на маратонот, на еден од екипата на спортско качувачкиот клуб Вертикал од Битола , Горазд, му е откриен прогресивен тумор на потколеницата. Оттука Скк Вертикал го именува настанот во Хуманитарен болдер маратон 'ГоГо' при што сите средства кои ќе се соберат од котизациите на натпреварот ќе бидат наменети за трошоците за лекување на Горазд, каде што и секој по своја желба донираше средства и покрај котизацијата. Хуманитарен тренинг се одржа и вежбалната 'БолдерЧе', каде што имаше поставено и кутија за донација на средства.

 

Иако настанот беше закажан да се одржи во Неделата, на 22 Ноември, поради најавата за дожд, мораше да биде презакажан за ден претходно.

Локалитетот Мариово, односно с. Манастир се наоѓа на 170km од Скопје, И се стигнува по магистралниот пат кој води до прилеп а потоа се продолжува јужно до скршнувањето, односно влезот во Мариово.

Набрзо како што се исклучивме по патот Мариово почна да ја открива својата убавина. Налик на Хобитленд, повеќе висорамнини, шуми, по некое зафрлено село и секако - добро познатите прилепски болдери и сочинети од гранит, моделиран во супер вонземски форми. На следниот линк можете подетално да ја разгледате локацијата и околината.

Само што пристигнавме не пречекаа првите болдер проблеми. Тазе исчеткани на почетокот кај првиот сектор каде што всушност се чекаше и ред за качувачки обиди кај дел од болдер проблемите.
Дефинитивно прекрасни линии. Добро познатата Прилепска карпеста структура, интересните и уникатни форми на фаќалишта повторно се тука. Тежинската рамка на насоките се движи од 5b па до 7c, и моментално има околу 40-тина болдер проблеми, но како и назад во Прилеп, потенцијалот за четкање нови проблеми е огромен. Се што треба е да се фатите за четка и за 1 час имате 3-4 нови болдер насоки односно проблеми.

  

И покрај временските услови кои воопшто не влеваа сигурност, ветрот, оддалеченоста, на овој болдер маратон присуствуваа 36 качувачи од спортско качувачките клубови низ Македонија, како и бројни посетители кои покрај тоа што дојдоа да го подржат болдер маратонот, да донираат и уживаат во ова парче рај и чистиот Мариовски воздух.

Веруваме и се надеваме дека Горазд ќе почне во најбрзо време повторно да качува и долго да го ужива качувачкиот живот со неговите пријатели.