ПРИЛЕП

Насоки за болдеринг    650+
Тежини   5a  8b 
Безбедносна опрема    Душеци за болдеринг
Висина на насоки    2m  10m
Сектори    Камена Баба, Каменолом, Дабница, Трескавец, Маркови кули-
Сезона    Пролет, доцна есен, зима

КРАТКА ИСТОРИЈА

Првите качувачки зачетоци во Прилеп почнуваат од 2003 година, со битолските качувачи истражувајќи ја околината околу Маркови Кули над Прилеп, и тогаш беа исчеткани и отворени првите болдер насоки во овој локалитет. Оттука започнува една убава и поинаква приказна за Прилеп, предводена од Горан Кузмановски од СКК Вертикал –Битола, кој ги прави првите стапки во болдерингот во Македонија. Неколку години подоцна, МСКФ го организира првиот болдер собир во Македонија и меѓу првите вакви собири на Балканот на кој присуствуваат качувачи од сите качувачки клубови во Македонија. Собирот подоцна прераснува во култен традиционален болдеринг собир кој се одржува секоја пролет оттогаш. По првите болдеринг чекори и насоки, година или две подоцна, словенечкиот качувач и авантурист, Рок Шишерник пребарувајќи на интернет наишол на фотографии од гранитните блокови, по што направил подлабоко истражување за околината на Прилеп и увидел дека во ова место лежи сериозен потенцијал за развивање на болдерингот. Наскоро потоа тој доаѓа во Прилеп и се сретнува со Горан Кузмановски од Битола и оттука почнува уште една интересна приказна. Во тоа време се отвораат првите болдер сектори, и следната пролет во 2010 година доаѓа словенечка болдер експедиција во Прилеп, при што се отворија уште неколку сектори во околината на Камена Баба, но и беа отворени нови насоки, покрај веќе оние кои постојат на Маркови Кули. По третата словенечка експедиција во доцната пролет 2011, Рок Шишерник трагично го губи животот на одејќи по highline, над кањон во Словенија. Извесен период по несреќата Миха Хрибар и Урх Чеховин од Словенија повторно се враќаат во Прилеп решени да ја продолжат визијата за Прилеп што ја започна Рок. По таа кобна пролет секоја година наесен и напролет доаѓаат словенечки качувачи, самоиницијативно и независно од традиционалниот фестивал Крали Марко и отвораат нови болдер линии и сектори. Во останатиот дел од годината Прилеп е често посетуван од голем број домашни но и странски качувачи при што гласот за уникатноста на ова место патува со брзина на светлината и за кратко време гради голема популарност во светот. Потоа излегоа и првите написи за Прилеп во Grimmper и Climbing Magazinе. Есента 2012 Прилеп го посетија звучни имиња како Arnauld Petit, Killian Fischuber, Anna Stor, во 2013 на разгледување на терен дојде претставник на Petzl –реномирана компанија за производство на опрема, која во својата маркетинг програма организира качувачки екскурзии по нови и уникатни места, и го посети Прилеп токму од овој интерес. Во 2014 година, во април Прилеп, во организација на МСКФ и Petzl како промоција на новите безбедносни душеци за болдеринг а воедно и извидница за есенскиот PETZL ROCTRIP 2014, Petzl го испрати својот Petzl Pro team составен од Danny Andrada, Melisa LeNeve, Johana Ernst, Philippe Ribiere, Ethan Pringle, Dave Graham и Paul Robinson. Есента за време на Petzl Roc Trip 2014 во Прилеп беше и издаден првиот болдеринг водич за Прилеп издаден во взаемна соработка на Словенечките качувачи и МСКФ. Денес Прилеп е светски познат локалитет кој буди голем интерес за качување болдери.

ОПИС

Болдер блоковите со уникатни и на места и вонземски форми се сочинети од високо квалитетна остра гранитна карпа. Кожата на прстите при качување се троши побргу во однос од другите локалитети поради острината на карпата и нејзиниот состав кој во одреден процент содржи и кварц. Воопшто не би било нескромно да се каже дека Прилеп е навистина епско, уникатно место на оваа планета.

ЛОКАЦИЈА

Прилеп е лоциран во југо западна Македонија, а до болдеринг секторите се пристигнува од повеќе страни бидејќи се насекаде во неговата околина. За да се пријде до Камена Баба и секторите во таа област, се приоѓа од патот кој води до вештачкото езеро вон градот, и потоа се скршнува во непосредно откако ќе се одмине касарната. До Дабнница се приоѓа преку ромската населба, а до секторите во околината на манастирот Трескавец и врвот Златоврв, потребно е да се излезе од Прилеп во правец кон Крушево, и се потоа се исклучувате од главниот пат и се искачувате по патот кој води до манастирот. Прагматично решение е да си го набавите качувачкиот водич, кој ги содржи сите информации за болдерингот околу Прилеп.